Карпош е првата скопска општина во чии рамки функционира Центарот за поддршка на децата со попреченост и нивните родители

Висока делегација на Светска банка предводена од потпретседателката за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан, Шаочинг Ју, како и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, минатата седмица го посетија „Центарот за поддршка на деца со попреченост и нивните семејства – МоПи“. Работните простории на оваа установа се наоѓаат во состав на ООУ „Вера Циривири Трена“ во општина Карпош.

Во рамките на оваа посета беше одржан состанок на кој присуствуваа градоначалникот Стевчо Јакимовски, преставници на Македонското Монтесори здружение кое е лиценциран давател на услугата, родители на деца кои ја користат услугата, како и студенти од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, кои го користат Центарот „МоПи“, како научна база за реализација на дел од практичната настава. Во оваа пригода, градоначалникот Јакимовски го истакна своето задоволство што Карпош е единствена општина на територијата на градот Скопје, која обезбедува ваков вид на поддршка за децата со попреченост и нивните семејства. Локалната самоуправа континуирано работи на подобрување на услугите насочени кон оваа ранлива категорија на граѓани, со што се согласија и родителите кои беа присутни на средбата.

Преставниците од Светска банка ја поздравија оваа иницијатива, која се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги. Имено, овој Проект го спроведува МТСП во чии рамки беше формиран и „Центарот за поддршка на деца со попреченост и нивните семејства – МоПи“, кој обезбедува индивидуално дизајнирани услуги, според потребите на секое дете а воедно го подобрува и квалитетот на живот на нивните семејства. Оттука, потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, ја посочи оваа установа како успешен регионален модел кој треба да послужи како пример за поттикнување и на другите општини, да обезбедат сеопфатна услуга за децата од оваа категорија и за нивните семејства.sl1