Daily Archives: ноември 18, 2024
ГРАН ПРИ награда на 57. Детски Рацинови средби
Детски Рацинови средби
„ Мене и душата ми е црвена“ – Рацин
Чест е да бидеш во градот на Рацин, чест и привилегија е да бидеш дел од Рациновите средби, а огромно задоволство е да твориш за Рацин и да бидеш најдобар меѓу најдобрите.
Донка Китанова ученичка од 7б одд., под менторство на Ана Кралевска, се закити со највисоката Гран при награда на меѓународниот поетски конкурс на 57. Детски Рацинови средби. Браво Донка!
„Мене и душата ми е црвена“ – Рацин
Другарки и другари!
Во душава на сите алово ни жари! Срцето ни крвари!
крвта ни струи, слушајќи го чукањето на дамарите,
Гладна ни е душата, празни амбарите!
За неправдата што работниците ги снајде,
од утро до мрак, ‘рмбајќи, сѐ дур с‘нце не зајде.
Бедни маки, за корка леб на сите Рудари,
без право на глас и само намачени удари.
Копачите и Тутуноберачите со наведната глава мака мачат,
не можат да се исплачат,
сакајќи го цел свет братски
без никакви поделби, во плач аргатски.
Но,не! Нема вечно ова да трае,
и македонскиот народ да чмае,
народот мора да знае,
сонце повторно ќе огрее и сјае,
силно ќе светне денот и никој за слобода нема да мечтае!
Ќе победиме!!!
За слобода обвиена со црвеното знаме,
И еднаквост на сите, раме до раме.
За достоинствен живот на секој, без јадна мака
со црвена петокрака и волја јака!
Ќе победиме!!!
Со крената глава и силен глас
Белите мугри ќе огреат силно,
на македонска земја црвени знамиња ќе завеат милно,
за борбата, за подобро утре, сите ќе запеат силно.
Духот кој избива со децении од Рациновите писанија,
во сето негово црвенило и духовни востанија,
со желба за слобода, во немилосрдна војна против тиранија,
македонскиот јазик и битие го одбранија!
Да знаеме кои сме и што сме нé обзнанија!
Донка Китанова 7б одд.
ООУ ,,Вера Циривири Трена” Карпош, Скопје
Ментор: Ана Кралевска


КРЕАТИВЦИТЕ ЕКСПЕРИМЕНТИРАА ВО СТАКЛЕНАТА ГРАДИНА НА КЦК ВО ВЦТ
Денешното саботно утро 16.11.2024г учениците на КЦК го поминаа во нашата Дигит-Био Градина во ООУ Вера Циривири – Трена. Под водство на наставник ментор Дивна Карапанчева и со помош на Даниел Николовски, 20те ученици – научници се запознаа со нови дигитални алатки на Биологијата и иновативното образование.
Со скенирање на QR кодови најпрво учениците отвораа квизови на темите од фотосинтеза и го утврдуваа своето знаење. Потоа продолживме со идентификување на растенија преку дигитални апликации, но и мини Escape-Room каде беше потребно од дадени кодови, учениците да ги отворат фотографиите од растенија и да ги бараат низ стаклената градина. Практична работа вклучуваше набљудување на интензитет на фотосинтеза со водни растенија во епрувети, изработка на различни форми од алуминиумска хартија врз листовите на растението Dracaena за следење на влијание на светлина при фотосинтеза, како и изработка на самонаводнувачки саксии во кои учениците насадија пченица и гравче и ги земаа со себе за да го набљудуваат нивното растење и дома. Работилницата ја завршивме со играње на мобилна апликација во која трчајќи ги собираме елементите на фотосинтезата и постигнуваме различни нивоа.
Во новата ера на дигитални технологии, КЦК ги воведува учениците во научните содржини преку нови иновативни алатки.




Го запознаваме и истражуваме растителниот свет
Растенијата како дел од природата ги има насекаде околу нас. Со цел да се запознаат со нивната разновидност, децата од објектот Н.Н.Борче беа во посета на стаклената градина на училиштето “Вера Циривири- Трена” и во Природо – научниот музеј – Скопје каде што се дружеа со едукатори, но и ученици кои придонесоа да ги збогатат знаењата за растителниот свет и ја поттикнаа детската љубопитност истиот да го истражат.


