Час по Франкофонија – Белгија

Месец март е месец на Франкофонијата во сите земји членки на Франкофонијата. Во чест на Франкофонијата под покровителство на Француската амбасада и Францускиот културен центар, во Македонија има многу активности, организирање натпревари, разни приредби, месец на франкофонски филмови во кој се претставуваат филмови од различен жанр.

Што претставува франкофонската организација? Каде се наоѓа Белгија? Кој е главен град на Белгија? Кој јазик се зборува? Од каде се стриповите Луки Лук, Снупи, Штрумпфови? Каде се наоѓа Атомиумот? Каде се наоѓа седиштето на Европскиот парламент? Како е создадена скулптурата ,,Детето што мокри“? Како се прави најубавиот помфрит во светот? Кој има најубаво чоколадо во светот? Кои се други белгиски специјалитети?

Денес, 18.3.2024 година, во ОУ „Вера Циривири-Трена“ на учениците од Vа, Vб, IVв одделение, под раководство на наставничките Сузана Аспровска, Маја Чинго и Соња Силјановска им беше испишана бајка за Белгија. Бајката за Белгија им ја создаде почесниот конзул на Белгија госпоѓа Елена Никодиновска. Госпоѓа Елена Никодиновска со голем елан и жар им ја претставуваше Белгија со сите свои особини и квалитети. Учениците беа заинтересирани и секоја информација ја слушаа со голем интерес. Потоа, на презентацијата се приклучи и познатиот гастрономски шеф Марк де Јонг кој учениците го препознаа од малите екрани. Марк де Јонг учествуваше неколку години во својство кулинарски шеф во квизот ,,Брза кујна“ и секако беа воодушевени од неговото присуство.

Исто така, беше присутна и наставничката по француски јазик Силвана Јорданова и директорката на училиштето Светлана Шајновска. Учениците беа среќни и задоволни од презентацијата и посакаа и другпат да има вакви слични презентации.