Семинар Белград
Учество на меѓународен семинар за Холокаустот и геноцидот врз српските евреи и ромите на м-р Матилда Бајкова, професор по македонски јазик
Нашата наставничка м-р Матилда Бајкова учествуваше на меѓународниот семинар со наслов „Холокаустот и геноцидот врз Ромите во земјите од поранешна Југославија – едукација посветена на регионот и историското искуство 1941–1945“. Таа веќе повеќе од 15 години преку разни семинари, обуки и нагледни часови, подготовка на истите е дел од програмите за изучување и примена на наученото за Холокаустот, животот на евреите во Македонија и пошироко на Балканот и во светот.
Семинарот беше во организација од „Хавер“ – Србија и „Меморијалниот центар на македонските евреи од Скопје, Македонија“, како продолжение на претходните онлајн обуки кои се реализираа во текот на целата учебна година.
Програмата беше посветена на значајни историски теми поврзани со Холокаустот, геноцидот врз Ромите и трагичните искуства на народите од просторот на поранешна Југославија во периодот од 1941 до 1945 година. Преку предавања, дискусии и едукативни содржини, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за историските факти, културата на сеќавање и важноста на образованието во градењето општество засновано на почит, толеранција и човекови права.
Во текот на семинарот беше организирана и пешачка тура низ спомениците на сеќавање посветени на Евреите од Србија, како и на другите жртви на прогонот — Ромите, политичките затвореници и сите кои страдале во периодот на Втората светска војна. Учесниците ги посетија меморијалните локалитети Старо Сајмиште, „Мемора во пламен“ на Дорќол и Јабука, место каде што биле стрелани најголем број Роми. Земун и местото на почивање на евреите од овој дел на градот Белград.
Како дел од едукативната програма беа реализирани и посети на Еврејскиот музеј во Белград, Еврејската заедница во Белград, како и на синагогата „Сукат Шалом“ – Белград и заедничка прослава на Шабат со членовите на еврејската заедница од Белград. Учесниците го посетија и Ромскиот едукативен центар ЕРИАК, каде што имаа можност да се запознаат со значајни аспекти од ромската историја, култура, идентитет и сеќавање.
Учеството на ваков вид семинари претставува значаен дел од професионалниот развој на наставниците, особено во насока на поттикнување критичко размислување кај учениците, развивање емпатија и негување на вредностите на мирот, недискриминацијата и почитувањето на различностите.
Стекнатите знаења и искуства од семинарот ќе бидат применети во воспитно-образовната работа преку содржини и активности кои ги поттикнуваат учениците да ја разберат важноста на историското паметење и одговорноста на секоја генерација во спречување на омразата, предрасудите, дискриминацијата и насилството.







Поврзани содржини